Сериозни амбиции во Росоман: Клубот претстави четири нови фудбалери

Третолигашот ФК Росоман 83, член на Третата лига – Југ, амбициозно влегува во пролетниот дел од сезоната, откако клубот официјално претстави дури четири нови засилувања кои треба значително да го подигнат квалитетот и конкурентноста на тимот.

Раководството на росоманскиот клуб продолжува со јасна стратегија за засилување на играчкиот кадар, а новите имиња носат комбинација од младост, искуство и дополнителна напаѓачка моќ.

Во редовите на Росоман 83 се враќа Давид Накич, фудбалер кој повторно ќе го облече дресот на клубот по ангажманот во ФК Пелистер. Од него се очекува веднаш да донесе стабилност и ефикасност во офанзивниот дел од тимот, со оглед на неговото претходно искуство.

Нов член на екипата е и Ернес Амедоски, кој пристигнува од ФК Дреново, клуб добро познат во јужниот регион. Заедно со него од истиот тим доаѓа и Роналдо Фазлиов, фудбалер од кого стручниот штаб очекува дополнителна енергија и креативност на теренот.

Како дел од засилувањата за вториот дел од сезоната, Росоман 83 го ангажираше и Даниел Буровски, кој пристигнува од ФК Вардар Неготино, уште едно значајно име кое треба да ја зголеми конкуренцијата во составот.