Бомба, два пиштола и 240 куршуми пронајдени во домот на 33-годишен скопјанец

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 33-годишен скопјанец за кривичните дела „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ од член 396 став 5 во врска со ставовите 3 и 1 и „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

За осомничениот е побаран притвор.

Како што се наведува во соопштението, при претрес во домот на осомничениот полицијата открила и запленила поголемо количество оружје, муниција и експлозивна материја чие поседување е забрането за граѓаните.

Пронајдена била една рачна бомба „М75“ со имплементирани метални кугли со дијаметар од околу два милиметри и шрапнелско дејство, вкупно 240 куршуми со различен калибар, пиштол марка „Црвена застава“ со калибар 7,65 милиметри и една рамка со седум куршуми, како и пиштол марка „Берета“ со рамка во која имало шест куршуми.

Во домот било пронајдено и околу седум грама марихуана.

При претресот бил пронајден и клуч од мотор за кој, според ОЈО Скопје, постојат оперативни сознанија дека бил искористен при извршување на кривично дело убиство.

Бидејќи постојат околности што укажуваат дека притворот е неопходен за непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судот поднел предлог за определување на најстрогата мерка.

Како причини за притворот обвинителот ги истакнал опасноста од бегство и можноста осомничениот да продолжи да врши кривични дела.

Текстот Бомба, два пиштола и 240 куршуми пронајдени во домот на 33-годишен скопјанец е превземен од МАКФАКС.