
Во Кочани промовирани можностите за бесплатна правна помош. Граѓаните поставуваа прашања, а експерти од областа дадоа одговори и лесно разбирливи информативни материјали за конкретните теми за кои може да се добие бесплатна правна помош. На настанот се разговараше за проблематики како што се семејното насилство, имотни прашања, дискриминација и социјална заштита.
„Со овие активности сакаме да ги приближиме правните информации и особено ова многу важно право што им следува на граѓаните до сите граѓани. Најчесто луѓето во Кочани и во целиот овој регион ги интересираат право од пензиско, инвалидско право, социјална заштита, решавање на некои имотно – правни прашања, за работни односи, што е нешто многу актуелно. Со нашите правни совети коишто ги даваме денес им помагаме полесно да стигнат до некое упатување за тоа како и каде би можеле да добијат подетална правна помош“, вели Елена Ѓоргиевска, национален консултант на Совет на Европа.
Настанот се спроведува во рамки на заедничкиот проект на ЕУ и на Советот на Европа во соработка со надлежните институции во земјава. Иницијативата се спроведува со цел граѓаните да се запознаат со правото за бесплатна правна помош, но и со институциите кои се овластени да ја пружат.
„Оваа активност се спроведува со Министерството за правда и адвокатската комора. Проектот е „Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија““, додаде Ѓоргиевска.
Информативниот ден вчера се спроведе и во Виница, а ваквите информативни активности се организираат во 12 општини во државата, во периодот од 13 јули до 20 август со цел да ги зајакнат знаењата меѓу локалните заедници, но и користење правни професионалци бесплатно со цел да им помогнат на ранливите групи.
Ребека Спасова М-Нет