
Општината, јавното претпријатие, бизнис секторот и граѓанските организации го чистеа речното корито на реката Писа во општина Пехчево. Заедничката акција, која заврши успешно, предвидуваше чистење на коритото во должина од 420 метри почнувајќи од мостот во центарот на градот, отстранување на нанесената земја, нискостеблестата вегетација и отпад, како и санација на кејот и поставување урбана опрема и хортикултурно уредување.
„Благодарејќи на сплотеноста на заедницата и граѓанскиот активизам, повеќе локални чинители – населението, Општина Пехчево, ЈКП Комуналец, бизнис секторот и граѓанските организации од регионот се вклучија во оваа заедничка акција. По тој повод, на 13 јули, претставници од Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија заедно со претставници од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија и ЛАГ Малеш-Пијанец го посетија Пехчево каде ги погледнаа исчистеното речно корито, уредениот кеј како и забавните настани по повод празникот на градот – Павловден и се запознаа подетално со културата и традицијата на оваа општина. Манифестацијата по повод празникот на градот претставуваше можност за јавно претставување на заедничката акција пред пошироката јавност.“ – се вели во соопштението од координаторите на проектот.
Акцијата цели кон подобрување на состојбата на животната средина преку иницирање на соработка и активизам на жителите на општина Пехчево со што би се подигнала и еколошката свест.
Проектот се спроведува во рамки на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, а во соработка со Локалната акциска група Малеш-Пијанец. Досега во рамки на оваа програма беше реализирана заедничка акција во селото Ума, општина Гевгелија, а во тек се и други акции во повеќе општини низ државата. Целта на ваквото заедничко координирање е препознавање на приоритетните и вистинските проблеми на заедницата.
Ребека Спасова М-Нет