
Лидерот во Втората македонска фудбалска лига, екипата на Беса забележа нова победа, откако во Куманово со 0:3 го доби Башкими. Овој натпревар гледачите на телевизија М Нет го следеа во живо преку директен пренос на спортскиот канал на М Нет Спорт.
Екипата предводена од Александар Таневски сериозно ита кон Прва лига и ништо не ја запира кон таа цел. Фитон Адеми беше двоен стрелец во првиот дел за 0:2 во првиот дел, а пак во вториот дел Зани Назифи постигна гол за конечните 0:3.
Детонит Плачковица е непобедлив дома, откако со 2:0 го доби и Кожуф со што Градскиот стадион во Радовиш и понатаму останува „неосвоена тврдина“ и тука никој бодови нема земено. Радовишани забележаа уште една сигурна победа и со тоа ги потврдуваат високите амбиции за историски пласман во Прва лига.
Аљбан Мемеди во 29. минута погоди за 1:0 на полувреме, а на стартот од второто полувреме Вилдан Керим постигна гол за конечни 2:0.
Каменица Саса се спаси од нов пораз благодарение на двата гола на Дуков во финишот на вториот дел. „Рударите“ ремизираа со Караорман играјќи 2:2 на домашен терен и ја продолжуваат жилавата борба за опстанок во Втората лига. По мирните мрежи (0:0) во првиот дел, во вторите 45 минути беа постигнати сите четири погодоци. Сиљаноски во 50. минута погоди за 0:1, а во 67. минута Филев постигна гол за 0:2.
Саса преку Дуков во 73. минута најпрво израмни на 1:2, а пак во 82. минута повторно преку Дуков дојде до конечни 2:2, но и понатаму Саса останува на дното од табелата.
Беласица може многу да жали за денешниот пораз од Скопје од минимални 0:1, откако Давид Стојков си постигна автогол со што „пиратите“ во Автокоманда ги носат трите бодови.
АВТОР: Александар Ванев