Охрид го доби Тетекс, реми во Кочани, Новаци му се „одмазди“ на Вардар, триумф за Пелистер

фото: М Нет-ТВ

Охрид се врати на победите откако на домашен терен со 2:0 го доби Тетекс со што трите бодови останаа на „Билјанини Извори“. По мирните мрежи во првиот дел, на стартот од второто полувреме Емил Скоко постигна гол за водство од 1:0.

Во 70. минута Оливер Дишлиевски со атрактивен гол ги постави конечните 2:0 со што екипата на Александар Толески го забележа седмиот сезонски триумф.

Пелистер го доби пелагониското дерби со Победа во Прилеп со 0:2. Бојан Спиркоски погоди за 0:1 на полувреме, а во вториот дел Јованчо Трајковски ги постави конечните 0:2. Ланскиот прволигаш Победа го впиша седмиот сезонски пораз и се наоѓа на 13-тото место со 15 бодови и продолжува да тоне кон опасната зона која води кон Трета лига.

Гледачите на телевизија М Нет имаа можност да го проследат во живо соочувањето меѓу Осогово и Арсими кое заврши без победник (1:1).

Емир Асани во 38. минута постигна гол за водство на гостите од Чегране со 0:1, а „жетварите“ во 87. минута со гол на Драна Паунов се спасија од пораз и извлекоа важен бод во борбата за опстанок.

Новаци на домашен терен со 3:2 го доби дербито со Вардар Неготино и му врати за поразот во баражот. Екипата предводена од Дарко Крстевски игра допадлив фудбал, повратникот се искачи до 5. место на табелата со 22 бодови на своето конто. Стојковски во 10. минута погоди за 1:0, а Трифуновски во 18. минута погоди за 2:0.

Во 36. минута Хасан намали на 2:1 на полувреме. Во вториот дел Стојковски со втор гол зголеми на 3:1, а пак Ќазимов во 81. минута погоди за конечните 3:2.

АВТОР: Александар Ванев