Без пиротехника за побезбедни празници, МВР со апел до граѓаните да не користат пиротехника

За Новогодишните празници граѓаните да се воздражат од употреба на пиротехнички средства, апелираат од Министерството за внатрешни работи.

Петардите не се играчка, нивното користење е строго забрането, а празничното пукање со петарди може да биде исклучително опасно по животот и здравјето, оставајќи екстремно тешки последици кои можат да го запечатат животот на младиот човек. Петардите се опасни и штетни., велат од министерството.

„Aктивностите на Министерството за внатрешни работи во борбата против пиротехниката се континуирани, со засилена динамика пред и околу празниците, имајќи го предвид сезонскиот предзнак на пиротехниката, сѐ со цел да ја зголемиме свесноста кај младите, но и кај нивните родители, укажувајќи дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето на младите.

МВР презема и акциски контроли, со цел санкционирање на употребата на петарди и други пиротехнички средства и ги потсетува граѓаните за законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба.“ – вели Андреевски.

Така, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба за оној кој неовластено употребува пиротехнички средства. Согласно Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.

МВР во соработка со партнерите од невладините организации и други институции продолжува со активностите во оваа насока и уште еднаш апелираат да не се употребуваат пиротехнички средства.

Апел се испраќа и до родителите да не им купуваат пиротехника на своите деца затоа што тоа може да има трагични последици. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112.