
Третолигашот БВК Коњаре го потврди ангажманот на искусниот фудбалер Метин Ќерими, кој повторно ќе го облече дресот на клубот од своето родно место.
Во објавата за промоцијата, од клубот порачаа дека станува збор за играч кој одлично знае што значи да се носи дресот на БВК Коњаре.
„Играч од нашето место, човек кој го живее духот на нашето маало и кој знае што значи да се брани бојата на клубот“, објавија од БВК Коњаре, посакувајќи му добредојде на Ќерими.
Метин Ќерими во Коњаре се враќа по разделбата со второлигашот Беласица од Струмица. Во својата богата кариера настапуваше и за Вардар Неготино, Победа, како и за повеќе македонски клубови, носејќи со себе големо искуство кое ќе биде значајно засилување за тимот во новата сезона.
Со неговото враќање, БВК Коњаре добива искусен фудбалер, но и свој играч, кој добро ја познава клупската средина и се очекува да има важна улога во остварувањето на амбициите на тимот за влез во Втората лига.