Башкими 1947 го промовираше Фодај Травали како прво засилување за пролетта

Фудбалскиот клуб ФК Башкими 1947 официјално го претстави Фодај Травали како прво засилување за пролетниот дел од сезоната. Кумановскиот клуб постигна договор со офанзивниот фудбалер, кој во Башкими пристигнува од редовите на Брера.

Травали зад себе има силна сезона во европскиот фудбал, откако минатата година беше прогласен за најкорисен играч на сезоната во Естонија, со што го потврди својот квалитет и потенцијал на меѓународната сцена. Иако периодот во Брера не беше според очекувањата, фудбалерот во Куманово доаѓа силно мотивиран и решен да остави сериозен белег.

Од клубот посочуваат дека Травали ќе биде значајно засилување во офанзивната линија – токму сегментот каде што екипата имаше најголема потреба од дополнителна енергија и креативност. Со своето искуство, брзина и напаѓачки инстинкт, тој се очекува да донесе свежина и поголема напаѓачка моќ во тимот со зелено-црни бои.

Раководството на Башкими 1947 изрази задоволство од договорот и верба дека новото засилување брзо ќе се вклопи во тимот и ќе придонесе кон остварување на целите во пролетниот дел од сезоната.

„Добредојде во зелено-црното семејство“, порачаа од клубот, испраќајќи јасна порака дека очекувањата од Фодај Травали се големи, а амбициите – јасно поставени.