Силекс ги стартуваше подготовките за пролетта, дел од тренинзите во Анталија

фото: ФК Силекс

Фудбалскиот клуб ФК Силекс официјално ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната, со јасна цел – максимално подготвен тим за продолжението на првенството и остварување на зацртаните амбиции.

Првиот дел од подготовките екипата ќе го одработи во Кратово, каде стручниот штаб ќе се фокусира на физичката подготвеност и тактичкото уигрување. Како што е најавено, на 17 јануари Силекс ќе се пресели во Анталија, каде што ќе продолжи со тренинзите и ќе одигра неколку контролни натпревари против квалитетни противници, со цел проверка на формата и дополнително воигрување на составот.

Пролетниот дел од шампионатот стартува во првата недела од февруари, а Силекс на домашен терен ќе го пречека тимот на ФК Башкими. Натпреварот ќе биде важен тест за подготвеноста на „синo-црвените“ и добра можност за силен почеток во продолжението од сезоната.

Од клубот порачуваат дека подготовките се клучни за остварување на високите цели, а поддршката од навивачите и локалната заедница останува значаен мотив за екипата. Со јасна порака „Кратово сака титула“, Силекс влегува мотивирано во новиот предизвик.