Ајварскиот пипер сè уште со висока цена

Многу гужва, високи цени на ајварскиот пипер за купувачите и малку побарувачка за производителите. Ваква беше сликата утринава на градскиот пазар во Штип. Производителите велат дека цените се такви поради малкуте производи и слабото производство. Сепак, ајварскиот пипер овој петок можевте да го најдете по цена од 20 до 40 денари. Најчесто, оние кои продавале надвор од тезгите, на почетокот кај пазарот го продавале поефтино, па со тоа ги привлекувале купувачите уште пред да стигнат на тезгите.

„25, да, ама потрошувачка нема. А доле е 20, го даваат, ама на вагите се краде. Јас го давам 25, тие не земаат.“

„Па цената… 30 денари ние го даваме, производителите. А кај трговците е 40, 35 и така. Слабо. И квалитетот е малку понамален. Има квалитет, не е до толку лошо, ама мислам таа е. Земаат, ама ние мислиме дека од другиот петок ќе биде подобро.“

„35 денари во моментов. Земаат, ама не по многу, по малку. Цената ни е малку висока.“

„Па и така и така… Цената е солидна, 35, спрема квалитетот. Има и поситни – 20 денари. Мислам дека смерема годината е добро.“

Мислењето на купувачите, пак, беше поделено. За некои скапо, некои, пак, се согласни дека цените соодвестуваат на производството. Некои од нив сè уште немаат купено, а некои веќе почнале со подготовката на ајвар. Има и такви кои нема да подготвуваат оваа година.

„Огин и пламен.“

„Набрзина, ама како и обично секој петок. Не правиме ајвар, бидејќи нема кој да го јаде. А инаку, 35 – 40, добро е. Мислам, како да кажам, постојано е така. Тешко на тој што произведува.“

„35 – 40, зависи. Се исплаќа, ние малку си земаме.“

„Добар. Кој не е работил, не знае. Јас работам земјоделие и знам дека е супер. Тие што немаат работено, ним им е скапо, мене не ми е.“

Модриот патлиџан, пак, се продаваше по цени од 10, 15 и 20 денари по парче. Најава за намалување на цените нема. Продавачите велат дека слично ќе биде и наредниот петок, дури, можеби, и поскапо.

„Тешко, сушна беше годината, преполовено е производството. Цените се тие.“

„А ќе биде и поскап, нема да има поефтина цена. Нема многу, голема суша беше оваа година. Затоа цената е и малку повисока и ќе биде и поскап од таа цена.“

Главно, ситуацијата е ваква цела година, а намаленото производство се однесува на сите производи. Цените се без малку исти секој петок на градскиот пазар во Штип.

Ребека Спасова МНет