Атлетико му даде 16 гола на Порече, Вардар ја „среди“ Плачковица, Билјанини Извори слави во Велес

Вчера се одиграа натпреварите од 9. коло од Втората женска фудбалска лига, а најголема победа забележа лидерот Атлетико кој му даде 16 гола на Порече од Македонски Брод. Сосема беше очекувана победата за битолчанки, кои беа доминантни и убедливи во текот на целиот меч на теренот „Павел Шатев“ во Битола.

По четири пола постигнаа Сара Слободанка Димитриоска и Мелица Милица Димитриоска, хет-три запиша Марија Стојановска, по два гола постигнаа Михаела Настовска и Мила Талевска, а еден гол постигна Јована Петровска.

„Седумка на лото“ во Радовиш, фаворитот Вардар без проблеми и со убедливи 0:7 ја „среди“ Плачковица, која беше немоќна на парира на пресилниот Вардар. Мирјана Ѓеровска и Мила Наумовска беа двојни стрелци, по еден гол постигнаа Миа Головска, Миа Закев и Теодора Јанковска.

Овие две победи беа сосема очекувани за фаворитите, кои немаа проблем да ги наполнат противничките мрежи до врв, а според квалитетот, па и голман не им е потребен.

„Пукна петарда“ на дуелот меѓу Кочани и Победа Валандово, откако домашниот тим со 5:1 го доби дуелот со гостинот од Валандово, во меч каде за домашниот тим четири гола постигна Глорија Стојмилова, а еден гол беше дело на Андреа Донева, за гостинот единствен стрелец во 48. минута беше Софија Чилевска.

Билјанини Извори во доминатен меч ги освои трети бодови во Велес, откако со 0:4 го доби Борец, кој беше немоќен против охридскиот тим.

Ивана Николоска во 32. минута погоди за 0:1 на полувреме, а неизвесноста траеше до 79. минута, кога Марија Јулчовска погоди за 0:2 со што ги реши сите дилеми. Во 81. минута Тамара Лазеска погоди за високи 0:3, а веќе во 89. минута Лазеска со втор гол ги постави конечните 0:4.

Лидер на табелата е Атлетико со максимални 27 бодови на своето конто, Вардар е втор со 24 бодови. На третото место е Кочани со 16 бодови, а пак на 4. место е Плачковица со 13 бодови.

Билјанини Извори се врати на петтото место со девет бодови, Борец е шести со седум бодови, Порече е претпоследен со 6 бодови, а на дното е Победа од Валандово со четири бодови на своето конто.

Во следното коло Вардар на домашен терен ќе игра против Борец како апсолутен фаворит, Билјанини Извори ќе го пречека Кочани во дерби од средишниот дел на табелата, Победа Валандово ќе биде домаќин на лидерот Атлетико, кој во Валандово доаѓа како апсолутен фаворит за трите бодови, а пак Порече во Македонски Брод ќе биде домаќин на Плачковица од Радовиш.

Александар Ванев, М-Нет