
Асфалтна маса денеска доби и улицата „Страшо Пинџур“ во штипското централно градско подрачје. Увид на градежните активности изврши штипскиот градоначалник, Иван Јорданов, кој најави нивно завршување до крајот на денот.
„Денес се асфалтира улицата „Страшо Пинџур“, којашто се наоѓа во централното градско подрачје, веднаш позади зградата Порта Пролет. Станува збор за површина од 820 м2, на којашто ќе се нанесува асфалтна маса во износ од 600.000 денари од Буџетот на Општина Штип. По завршувањето на оваа улица, продолжуваме со други улици коишто веќе се подготвени за асфалтирање и се во Програмата за уредување на градежно земјиште“, рече Јорданов.
Освен овде, градежни работи ќе има и на улицата „8 Април“ и други локации во градот. Јорданов најави дека до крајот на неделата ќе биде асфалтиран и новиот мост на река Отиња кај Гимназијата, со што од следната недела би требало да биде во функција.
Ребека Спасова М-Нет