Арсими со ОСУМ гола ја „уништи“ Победа, Детонит Плачковица го доби дербито со Охрид, победи за Пелистер и Кожуф

Денес беа одиграни шест од осум натпревари, два натпревари беа одложени поради обилните врнежи од дожд, а гледачите на телевизија М Нет одново имаа можност да проследат два натпревари во живо преку директни преноси од 13. коло од Втората македонска фудбалска лига.

Дербито на колото се играше во Радовиш каде се соочија Детонит Плачковица и Охрид во борбата за трите бодови, борба за второто место и борба за директен пласман во Првата македонска фудбалска лига, а овој натпревар гледачите на телевизија М Нет имаат можност да го проследат во живо. Радовишани со минимални 1:0 беа подобри од охриѓани.

Првиот дел од дербито одиграно на Градскиот стадион во Радовиш заврши со мирни мрежи (0:0), па се решаваше во второто полувреме кога Стефан Бабунски во 57. минута ја погоди мрежата на охриѓани за конечни 1:0 со што трите бодови останаа дома.

Интересен е фактот што Детонит Плачковица ја продолжува победничката серија на домашен терен во перфекетна форма без реми и пораз на домашен терен.

Гледачите на телевизија М Нет исто така имаа можност преку спортскиот канал М Нет Спорт да го проследат соочувањето меѓу Пелистер и Башкими во Битола каде домашниот тим со 4:0 беше убедлив.

Битолчани на полувреме со головите на Бојан Спиркоски и Симеон Христов имаа предност од 2:0, а во вториот дел Јошески и Размоски ги поставија конечните 4:0.

Вардар Неготино во вториот дел ја сруши Беласица и забележа важна и голема победа. Трите бодови останаа дома, а најзаслужен за тоа беше Кирил Неделков кој во 71. минута го постигна единствениот победнички гол за триумф од минимални 1:0.

Новаци забележа голема победа во Струга над Караорман со резултат од 1:3. Гостинот предводен од Дарко Крстевски, кој е поранешен тренер токму на Караорман имаше предност од 0:2 по дваесет минути игра со головите на Јовановски и Трифуновски. Во 40. минута Клечкароски постигна гол за 1:2 на пауза. Во вториот дел Благој Стојчев ги постави конечните 1:3.

Арсими ја забележа најубедливата победа откако со 8:1 ја торпедираше Победа, која беше инфериорен противник и немаше сили да му парира на расположениот домаќин. Натпреварот се играше во Голем Речица, во услови со снег, особено кон крајот на првиот дел и за време на второто полувреме.

По првите 45 минути Арсими имаше водство од 5:0 против ланскиот прволигаш од Прилеп. Шпенд Асани и Арѓент Гафури беа двојни стрелци за Арсими, по еден гол постигнаа Љума, Џемаили и Цуцули, а пак Стефан Спиркоски си постигна автогол. За гостинската екипа единствен стрелец беше Бојан Ивчевски во 52. минута.

Интересен натпревар се одигра во Гевгелија каде Кожуф со 3:2 ја доби Саса и конечно ја израдува домашната публика по долгото чекање за триумф. Момците на Трајче Сенев преку пресврт стигнаа до целиот плен, а „рударите“ ја продолжуваат лошата серија резултати и дома се враќаат одново поразени во тешката борба за опстанок.

Ангел Кочев во 38. минута постигна гол за 1:0 на полувреме. Во вториот дел Дуков и Симевски обезбедија пресврт и водство за Саса од 1:2. Во 66. минута Љушев погоди за 2:2, а четири минути подоцна искусниот голгетер Бојан Иванов постигна гол за конечни 3:2.

Поради обилните дождови беа поплавени терени во Автокоманда и Кичево. Натпреварот меѓу ланскиот прволигаш Скопје и Осогово требаше да се одигра на „Железарница“ во Автокоманда, а пак мечот меѓу лидерот Беса и Тетекс требаше да се одигра на градскиот стадион во Кичево, меѓутоа поради обилните врнежи терените се поплавени, а натпреварите одложени. Натпреварите треба да се одиграат во понеделник (27. ноември) од 13 часот, за што веќе објави телевизија М Нет.

АВТОР: Александар Ванев