Ѓорѓиевски за новата мерка за млади брачни парови: Таа е дел од мојата изборна програма, не станува збор за прифатена иницијатива

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, нагласи дека мерката за ослободување од комуналии за млади брачни парови е дел од неговата изборна програма и не станува збор за прифатена иницијатива.

„Видов лиферувани информации дека наводно сум прифатил нечија иницијатива за ослободување на млади брачни парови од комуналии за градба, а тоа не е вистина. Почитувани, тоа е пракса која што прв пат во историјата на оваа независна држава јас ја воспоставив во Општина Кисела Вода додека бев градоначалник и таму имав можност 40 проценти да ги ослободам младите брачни парови кои што треба да ги помагаме како институции од комуналиите за градба. Истите мерка е предвидени во мојата изборна програма, каде што е наведено ‘Во континуитет со успешната мерка од Кисела Вода – Адреса за заеднички дом – ќе ја прошириме поддршката за млади брачни парови на ниво на град Скопје. Млади брачни парови до 40 години без друг имот ќе добијат до 100 отсто доколку и општината дава согласност за истото, ослободување од комуналии при изградба на куќи за домување’“, истакна Ѓорѓиевски.

Градоначалникот образложи дека ослободувањето ќе изнесува 60 проценти од Градот Скопје и, доколку општината се сложува, 40 дополнителни проценти или вкупно кумулативно 100 проценти.

„Оваа мерка е директна инвестиција во демографската обнова, родовата еднаквост и достапно домување на младите во Градот Скопје. Што значи дека согласно со нашите проекции за буџетот и нашите буџетски можности, сега денес ја предлагаме мерката од мојата програма за ослободување на младите брачни парови до 40 години од комуналии за градба во Градот Скопје и се надевам дека сите вие ќе дадете поддршка на истата. Со ова, значително ќе им помогнеме на младите брачни парови, нешто што е наша обврска, да создадат свој дом и свое катче во кое што ќе ги развиваат и шират своите семејства“, рече Ѓорѓиевски.

Претходно, од Левица информираа дека Град Скопје ја прифатило нивната иницијатива младите брачни парови да бидат ослободени од делот на надоместокот за уредување на градежното земјиште.

Текстот Ѓорѓиевски за новата мерка за млади брачни парови: Таа е дел од мојата изборна програма, не станува збор за прифатена иницијатива е превземен од МАКФАКС.