
Во рамки на 4. коло од женската ракометна Суперлига екипата на Астибо однесе победа од тесни 34:35 над Ѓорче Петров 2 во меч каде најдобриот стрелец од минатата сезона, Марија Анчева со 19 гола им пресуди на младите „лавици“.
30-годишната ракометарка од Штип уште еднаш беше херој на штипскиот клуб, уште еднаш го истакна својот квалитет и прецизен удар кон противничкиот гол за нови три бодови, со што Астибо оди кон својата цел, а тоа е влез во плеј-офот.
Штипскиот клуб речиси во текот на целиот меч имаше предност, но во вториот дел домашниот тим дојде до момент да има и водство при 31:29, но сепак, искуството на Анчева и дружината беше пресудно за Астибо на крај да триумфира со 34:35. Важна и голема победа за штипјанки.
Анчева со 19 гола го водеше Астибо, а кај домашниот тим Ива Велкова се истакна со осум погодоци.
Во следното коло Астибо на домашен терен ќе игра против фаворитот Чаир.
Во однос на оваа рунда вчера токму Чаир со 40:23 го декласираше Скопје. Денес Спартак игра со Вардар, а Шампион со Деспина, в сабота Пелистер со Овче Поле, а колото ќе се затвори со мечот Куманово и Металург Автокоманда кој ќе се одигра во вонреден термин, поради европските обврски на тимот од Автокоманда.
Александар Ванев, М-Нет