
Антонија Тасева од Штип по првпат ќе настапи на Светско кадетско и јуниорско првенство во кикбокс, откако на Државното првенство успеа да освои две злата во категорија минус 60 и минус 65 килограми што и овозможи билет на Светското првенство.
Започнала на десетгодишна возраст да тренира кикбокс, а последните неколку години бележи одлични резултати на борбите од каде редовно се враќа со медали.
За М Нет телевизија, Тасева истакна дека очекува добар резултат на Светското првенство на кое ќе настапи во конкуренција киклајт минус 60 килограми, а претходно да помини низ успешни подготовки со тренерот Шенол Асанов од кикбокс клубот Гладијатор Фајт.
„Јас по првпат ќе се натпреварувам на Светско првенство, ќе следуваат добри подготовки со мојот тренер, очекувам добар резултат. Очекувам добар резултат ќе настапат во една конкуренција“, вели Антонија Тасева.
Тасева пет години активно тренира кикбокс, а на Државното првенство со освоените две злата потврди дека со макотрпна работа резултатите доаѓаат.
„Јас овој спорт го тренирам пет години, започнав на моја десетгодишна возраст, овие резултати од Државното првенство беа многу важни за да се пласирам на Светското првенство“, вели Тасева.
Интересот кај девојчињата за овој спорт се зголемува, а Тасева е поттик за многу млади девојчиња да започнат со овој спорт во градот под Исарот.
„Мислам дека сум поттик на повеќе девојчиња да тренираат кај нас во клубот, сум задоволна од самата себе и тоа што поттикнувам некој друг да се угледува на мене и да го спортува овој спорт“, дополнува младата Тасева.
До Светското првенство пред Тасева следуваат и други предизвици – настапот на Европскиот Куп во Босна и Херцеговина, а пред младата штипјанка ќе следуваат интензивни подготовки со тренерот Шенол Асанов, со цел максимално спремна да замине на Светското првенство кое ќе се одржува во месец септември во Италија.
Александар Ванев, М-Нет