Утре стартува пролетната полусезона во Трета лига – Исток

Со натпреварите од 12. коло утре ќе започне пролетната полусезона во Трета лига – Исток. Лидерот Победа од Валандово ќе цели кон потврда на првото место и преку бараж да се обиде да стигне до Втора лига, а како најсериозни конкуренти се Ударник и Овче Поле.

Во продолжението од сезоната нема да настапува екипата на Светлост од Зрновци, а под знак прашалник е дали и екипата на Рудар од Пробиштип ќе продолжи со натпреварување?

Екипата на Рудар минатиот викенд требаше да го одигра одложениот меч со Хоризонт Турново, кој беше од последното есенско коло, но тимот од Пробиштип најавил дека нема да допатува и тој меч го загуби службено, а пак некогашниот прволигаш од Турново доби службени три бода.

Во рамки на првото пролетно коло во Делчево ќе има дерби на Брегалница и Ударник, меч каде гостинот од Пирава ќе биде на сериозен испит околу амбициите, а од каде ќе треба да се врати со три бодови.

Карбинци во првото пролетно коло ќе биде слободен, бидејќи требаше да се соочи со веќе откажаниот Светлост од Зрновци. Во првото пролетно коло слободна ќе биде и екипата на Победа од Валандово.

Во Струмица ќе се игра мечот меѓу Тиверија и Овче Поле од Свети Николе, Хоризонт Турново на домашен терен ќе игра со Дојранско Езеро. Во Берово треба да се игра мечот меѓу Малеш и Рудар од Пробиштип, но под прашалник е овој меч дали истиот ќе се одигра, бидејќи Рудар и натаму е неизвесен дали ќе продолжи со натпреварување?

Сите натпревари од 12. коло на Трета лига – Исток стартуваат во 14 часот.

Александар Ванев, М-Нет