Ангелов: Сите доброволни пожарникари денеска на постројување во Скопје – целта е утврдување на бројката и подготвеноста за летната сезона

Сите доброволни пожарникари од активните доброволни противпожарни друштва во земјава денеска во 18 часот ќе се постројат на пистата во касарната „Гоце Делчев“ во општина Аеродром. Постројувањето, кое го најави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и командант на Силите за заштита и спасување Стојанче Ангелов, има за цел да се утврди реалната бројка на доброволни пожарникари подготвени организирано да учествуваат во гаснењето на летните пожари на отворен простор преку Тимовите за брз одговор на ДЗС. Пред стројот, Ангелов ќе ги претстави своите планови и очекувања за претстојната сезона, ќе даде насоки за формирање нова внатрешна структура и хиерархија за полесна координација и командување со тимовите составени од доброволни пожарникари, а ќе говори и за плановите за развој на доброволното пожарникарство.

„Пред стројот ќе ги кажам моите планови и очекувања за ова лето и ќе дадам насоки за брзо формирање на нова внатрешна структура и хиерархија за полесна и поквалитетна координација и командување со Тимовите на ДЗС составени од доброволни пожарникари.  Целта на новата структура е нивно прецизно, ефикасно и рационално вградување во Системот за гаснење на пожари.“, вели Ангелов

По постројувањето ќе се одржи работен состанок, на кој доброволните пожарникари ќе имаат можност да се запознаат, да разменат мислења и искуства, како и да ги изнесат своите потреби, барања и сугестии за подобро функционирање во текот на летото.

Иван Митев, М-Нет