Ангелов: За малку ќе отидеше цело Бонче, доброволните пожарникари го спасија селото

Драма се одвивала рано утрово над селото Бонче, каде што пожарот со голема брзина се движел по падината, со пламен висок и до четири метри. Благодарение на навремената реакција на доброволните пожарникари од Битола и Кочани, огнот не стигнал до селото.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој беше на терен, изрази благодарност до пожарникарите, посочувајќи дека вчера превентивно биле испратени во Бонче поради очекуваната опасност.

„За малку ќе отидеше цело село, да не беа доброволните пожарникари“, изјави Ангелов.

Пожарникарите сведочат дека ситуацијата била исклучително тешка. Околу 5 часот наутро огнот се движел со голема брзина, потпомогнат од силен и непредвидлив ветер кој постојано го менувал правецот.

„На многу пожари сме учествувале, ама рано утрово ова што го видовме… има луѓе што 20 години биле на пожар, не го имаат видено. Во 5 часот сабајле одеше низ падината пожар што се движеше со голема брзина, со огнени јазици од три-четири метри високи“, раскажа еден од пожарникарите.

Околу 20 доброволци од Битола и Кочани, заедно со неколку жители на селото, со часови се бореле со огнената стихија. Теренот бил особено тежок, а густиот чад во еден момент целосно ја ограничил видливоста.

„Доjде момент кога од чад не можев да видам каде одам. Буквално, не можев да видам каде се наоѓа огнот“, сведочи пожарникарот.

Посебна улога имал и специјализираниот камион на ДПД Кочани, со погон на сите четири тркала и силен мотор, кој овозможил интервенција на тешко пристапниот планински терен.

Пожарникарите од Кочани вчера биле ангажирани и кај прилепските гробишта, каде што повторно се соочиле со силен пожар. Според нивните сведоштва, пламените јазици таму достигнувале шест до седум метри. И покрај дефект на возилото, екипата успеала да го поправи камионот и повторно да се вклучи во гаснењето откако огнот повторно се разгорел.

Ангелов порача дека токму развојот на доброволното пожарникарство ќе биде еден од приоритетите и во иднина.

„Ова лето сум извонредно задоволен од она што го покажавте. Воодушевен сум. Денес го спасивте Бонче, пред неколку дена Крушевица, работевте и во Лопатица, а вчера и во Прилеп“, истакна Ангелов, упатувајќи благодарност до доброволните пожарникари за нивниот ангажман низ целата земја.

Текстот Ангелов: За малку ќе отидеше цело Бонче, доброволните пожарникари го спасија селото е превземен од МАКФАКС.