Ангелов ги прашува жителите на с. Коџалија: ЗА или ПРОТИВ мечки на Плачковица?

Што ако мечките од Западна Македонија се пренесат на планината Плачковица? Ова прашање им го постави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на жителите на радовишкото село Коџалија. Од разговорот на терен, вели, увидел дека идејата да се преместат мечките е добра, но има и свои слабости.

„Една од идеите е тие мечки да се уловат живи, да се успијат и да се преместат на други места. Ако донесеме тука пет-шест мечки, горе, во Плачковица, не во селото, дали вам би ви сметале?“, прашува Ангелов.

„Ќе сметат. Ќе прашаш зошто? Тие мечки немаат што да јадат, нема да се најадат, немаме јаболко, костени, нема што да јадат и ќе мора да напаѓаат или луѓе или овци“, одговара жителот Осман.

Жителите не се согласуваат и поради земјоделската работа, велат дека многумина берат тутун токму во ноќните часови.

„Би се плашеле. Ние береме тутун во 3 часот ноќеска, целиот овој регион, тука има народ“, додава Осман.

„Ние навечер береме тутун, преку ден е жешко. Ептен лоша идеја“, вели жителот Сали.

Инаку, Ангелов остварува средби и со мештани од региони каде што нема мечка и разговара и прибира информации за нивно мислење за евентуално преселување на одреден број мечки од регионите каде што ги има во регионите каде што ги нема, а биле присутни порано. Претходно беше заклучено дека со пукање и мирис на барут мечките веќе не се симнуваат до куќите на жителите во Југозападна Македонија.

Ребека Спасова М-Нет