
Оризопроизводителите од кочанскиот регион утре ќе се сретнат со министерот за земјоделство во ресорното Министерство. Од средбата очекуваат позитивен исход и одговор на барањата, бидејќи во спротивно, како што вели Здравко Арсов, ќе се случи најголемиот протест во историјата на земјоделството.
„Јас очекувам дека некое разбирање ќе има, во спротивно тоа ќе биде еден поголем протест и, можеби, еден од најголемите што ќе се случат во историјата на земјоделието оти веќе ножот е до коска дојден. Ние не сме оризари само, ние сме и полјоделци, стока одгледуваме. За сѐ, и пченицата и јачменот, еве, сеидбата е на прагот, жетвата е на прагот. Ниту пари за нафта имаме, буквално сме оставени во небрано“, вели Арсов.
Барањата коишто ќе се разгледуваат на средбата остануваат исти. За оризовата арпа се бара од 40 до 45 денари, бидејќи инаку, како што велат, не може да заработат ниту за производната цена. Жетвата почнува во понеделник, вели Арсов, но ситуацијата е алармантна.
„Барањата остануваат, 40 – 45 денари. Ние имаме цена направено преку Институтот за ориз, производна цена е околу 31 – 32 денари. Ние само за производна цена ли да работиме? Не откупуваат, манипулираат, фабриките ги прават ремонт. Во понеделник жетвата почнува со сигурност, но ситуацијата е алармантна, и повеќе од алармантна.
Оризопроизводителите од кочанско претходно остварија средба со заменик министерот за земјоделство, Трајан Димковски, во просториите на општинската зграда во општина Чешиново – Облешево. На средбата се разгледаа барањата и беа донесени неколку заклучоци.
Ребека Спасова М-Нет