Христовото воскресение утре во храмовите ќе се празнува со строги мерки и протоколи

По прифатена одлука на Владата, предложена од Комисијата за заразни болести, утре вечер 1 спрема 2 мај кога се празнува големиот христијански празник Велигден не важат никакви рестриктвини мерки, поточно нема полициски час, па верниците ќе можат да ги посетат храмовите во државата. На традиционален начин Велигден ќе се дочека и во трите храмови во Штип, но секако со почитување на мерките и протоколите за заштита од ковид 19. Ќе има поставено редари на вратите на храмовите, посебно обележано место за влез и излез, со препораки да се одржува дистанца.

„Во сабота вечер, еве државата донесе уредба со која ќе нема полициски час и ќе можеме слободно да го прославиме воскресението на полноќ и да продолжиме со полноноќната литургија. Да нагласиме дека Светата Православна црква со соопштение и договор со здравствените власти ќе има свои редари таму каде што има можност службите ќе се одржуваат надвор. Нашите цркви во Штип се поголеми, имаат повеќе влезови па ќе биде обележано кој влез ќе биде за влез, а кој за излез.“ – кажа свештеник Добрица Јанев.

Според стари обичаи Во Македонија некои на Велика сабота, за празник ја сметаат само додека се во црквата, а потоа може да се работи. На овој ден се прават последните подготовки за празникот, се чисти куќата и се готви храна.  На полноќ сите присутни со тропарот „Христос воскресе“ трипати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршкаат со црвените јајца и се омрсуваат. Свеќата која гори во црквата се носи во домот, со неа се пали оган, а остатокот се става под перница. Младите веруваат дека оваа ноќ ќе ја сонуваат својата сродна душа.

Да ги дочекаме празниците со максимално почитување на мерките и протоколите за заштита од невидливиот непријател, за по нив да не се соочиме со нов ковид бран. Минатата година Велигден за прв пат се празнуваше во полициски час, без присуство на верниците во храмовите.

Лаура Стојанова М-Нет