
Месецот на кањоните на ДПС Лисец од Штип се одржа и помина во најдобар можен ред. Многубројни љубители на ваквиот вид на планинско спортување одржувајќи ги неопходните здравствени мерки се соочија со убавините, но и предизвиците да се милува со бескрајно убавата природа на источната убавица Плачковица. За патешествието наречено акција на кањоните Камник и Комистскиот кањон најверодостојно ни ги „насликува“ членот на раководството на Лисец, Милорад Ангелов кој заедно со претседателот Александар Санев се идејни творци на овој проект.





ДПС „Лисец“ ги надминува ракмите на планинарско друштво, тоа е фамилија , училиште во кое секој ученик ги учи вистинските вредности на животот преку најмилната учителка на времето а тоа е мајката природа. Запознавајќи ја природата човек самиот себе си се запознава а случувањата на Камник ја оформија сликата за сплотеност на секој со секого, ризикувајќи се самиот себе си за да се помогне на друг во некои опасни експлицитни ситуации. За време на акцијата се редеа слики како на филмско платно, за колективниот дух, за силата на секој член – поединец на Лисец, за нивната улога и заслуга ваквата божја а природна убавина да се заштити и да се одржува. Покрај домакините имаше посетители од цела Македонија а поради пандемијата многумина кои изразија желба за посета, мораше да отпаднат за да се испочитуваат заштитните мерки за редуцирање на бројот на учесници. И покрај опасностите, тешкотиите на природните препреки, не се тргна насмеката од сите членови на оваа акција за да чат – пат во минутите на одмор се разлешее и песна по ритамот на гитарите како поткрепа за да успешно се продолжи понатаму. Лопено, Пере, Ане, Тони, Марија, Ване, Ангел и ќе ни простат сите останати се вложија себе си за конечен успех и величенствен поход кој на најдобар можен начин се приврши до крај под диригентската палка на Александар Санев – Ацко со желба ваквиот начин на другарување со природата постојано да се одржува и продлабочува. Затоа верните и докажани Ацко и Мики веќе не информираа дека месецот на кањоните продолжува на 9 мај на нова средба и акција на кањонот Козјак на планината Плачковица. Ваквиот тип на акција го зголемува до точка на вриење адреналинот кај љубителите на природата за што е потребна и општествена акција околу припомош на друштвата околу маркацијата и секако трасирањето за безбеден пристап низ целиот преубав кањон за чија посета владее и те како голема заинтересираност како кај нашите домашни така и кај странски заљубеници во природата. Спортската редакција на Мнет телевизија наскоро со гости – членови на Лисец во специјална емисија ќе ви ја долови прекрасната слика на природниот дар на кањонот Камник и на Комитскиот кањон кои со зборови се опишуваат, но со слика се сервираат како на дланка пред армијата на наши гледачи.




Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk