Акцијата за отстранување на хаварисани возила и шупи се однесува на сите без исклучок!

По најавената акција од страна на Општина Штип, да се отстранат сите нелегално изградени објекти , како штали шупи голубарници, доколку претходно граѓаните имаат добиено опомена, денеска на прес од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип прашуваат дали истото важи подеднакво за сите.

„Аналогно на наведената акција за отстранување на возилата и објектите на обичните граѓани, се поставува прашање, дали Градоначалникот ќе го направи истото и за возилата пред Баргала?
Дали и сопствениците на овие возила ќе бидат казнети по Законот за јавна чистота?
Дали Градоначалникот ја потсети и Баргала дека е забрането поставување подвижни и неподвижни предмети на јавна површина? “ – беа дел од прашањата упатени од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.

Одговор даде и градоначалникот на Општина Штип Сашко Николов.

„ ВМРО ДПМНЕ не може да се помири со фактот дека Штип станува модерен град. Дека меѓу приоритетите на градот е чиста околина, чист град, нешто што во време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ беше незамисливо. Акцијата за отстранување на хаварисани возила, гаражи, шупи е најавена одамна и дека таа се однесува на сите без исклучок. ВМРО ДПМНЕ уште еднаш покажа дека тие умеат да продаваат само гол популизам, лаги, невистини – со еден збор се она што практично го краси ВМРО ДПМНЕ. Откако го запустија Штип, сега не можат да се помират со фактот дека Штип повтрно го враќа сјајот. Градот под Исарот колку и да не сакаат од ВМРО ДПМНЕ ќе биде модерен, чист, зелен, град каде наместо хаварисани возила и шупи ќе има игралишта за деца, зеленило и се она што доликува на модерен град“ – стоеше во писменото соопштение од кабинетот на градоачаникот.

Лаура Стојанова М-Нет