Први внатрепартиски избори за претседател на СДСМ

Нешто помалку од 69.000 активни членови на СДСМ денеска ќе избираат претседател на партијата на први директни, внатрепартиски избори. Единствен кандидат претседател е актулениот премиер и прв човек на партијата Зоран Заев.

За неговата кандидатура треба да се изјаснат сите активно регистрирани членови на СДСМ. Изборите ќе се спроведат во сите 80 општински организации на СДСМ од страна на општински изборни комисии и избирачки одбори, на вкупно 237 избирачки места, кои на денот на гласањето ќе бидат отворени од 08 до 19 часот.

Централната изборна комисија го потврди и го затвори Избирачкиот список, на кој се пријавени за гласање 68.999 членови, обезбеден е избирачки материјал, паравани за тајност на гласањето, избирачки кутии, ознаки и протоколи за заштита на здравјето на сите учесници. Сите активно регистрирани членови на СДСМ ќе можат да го остварат своето право на непосредно и тајно гласање за избор на претседател во својата општина на соодветно гласачко место. Ќе се гласа со помош на новите електронски картички и документ за идентификација.

Оваа политичка гарнитура во СДСМ се залага за национален консензус околу главните прашања, против поделби, за заедништво и дека за најважните прашања треба да застанат заедно со опозицијата. Фокусот ќе остане на борбата со пандемијата и новата развојна економија, на креирање и реализација на економски политики, нови работни места, повисоки плати и развојна економија.

Благојчо Костадинов / МНет