
По направениот последен Инспекциски надзор на 30 декември 2020 година во кочанската фабрика „Пејпер мил“, констатирано е дека повторно се надминуваат граничните вредности. Заради тоа, на оваа комапнија и е изречена забрана за користење на котелот со пелети и да премине на работа на плин информираат од Државниот инспекторат за животна средина.
„Инсталацијата ќе работи на плин сè додека не се постигнат законски утврдените гранични вредности. Државниот инспекторат за животна средина инсистира на почитување на законите. Не дозволуваме загадување на Кочани“, се вели во соопштението на Државниот инспекторат за животна средина. Последниот инспекциски надзор беше спроведен по претходно направени два вонредни надзори, на кои беше утврдено дека „Пејпер мил“ ги надмиува дозволените гранични вредности на испуштање ПМ честички од нејзините оџаци и доведува до загадување на воздухот. Следуваше и четвртиот по ред протест од страна на граѓаните на Општина Кочани, по кој се закажа и последниот инспекциски надзор, кои се спроведе на 30 декември минатата година.