УГД Штип со нулта толеранција за корупцијата и злоупотребите во академската заедница, по денешните полициски претреси

Во врска со денешните полициски дејствија и истрагата поврзана со сомнежи за злоупотреба на електронскиот систем за оценки од страна на вработено лице на Универзитетот, Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ја информира јавноста дека УГД овозможува целосна, неограничена соработка со МВР и надлежното обвинителство за брзо и целосно расчистување на случајот. УГД има нулта толеранција за корупцијата и злоупотребата во академската заедница и сметаме дека ваквите и слични случаи се во насока да се обезбеди подобро, поквалитетно и пообјективно студирање. Сакаме да ја увериме академската заедница, пред сè нашите студенти, наставниот и административниот кадар, како и пошироката јавност, дека УГД останува посветен на темелните академски вредности, на чесност и вистинитост, и останува проактивен во насока на сузбивање на девијантните појави. Нашите студенти и нивното образование остануваат во центарот на сите наши активности. Наставниот процес, академските обврски, научноистражувачката работа и меѓународната соработка со низа реномирани европски универзитети продолжуваат да бидат наш приоритет.   Како јавна високообразовна институција ја уверуваме јавноста дека остануваме посветени на транспарентноста, отвореноста и институционалниот интегритет. УГД нема да дозволи каков било сомнеж да ги наруши трудот и вредноста на дипломите на илјадниците чесни студенти и вработени.  УГД има нулта толеранција за каков било облик на корупција или злоупотреба на службената положба. Институционалниот интегритет и довербата на нашите студенти се пред сè.