Општина Крива Паланка: Неконтролираното движење на крупниот добиток предизвикува сериозни штети, од АХВ се бара оперативен план и постапување по правосилните решенија

„Општинскиот кризен штаб ѝ препорачува на Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба на територијата на Општина Крива Паланка, со обезбедување дополнителни ресурси и активирање на законски предвидените механизми за целосно и трајно решавање на долгогодишниот проблем со неконтролираното движење на крупниот добиток“, велат од Општина Крива Паланка.

„Препораката произлезе од првиот состанок на Општинскиот кризен штаб за оваа проблематика, одржан вчера, 2 ноември, на кој беше разгледана актуелната состојба и беа утврдени конкретни задолженија и мерки за постапување.

Според информациите изнесени на состанокот, повеќе од 1.000 грла добиток неконтролирано се движат низ територијата на општината, уништуваат земјоделски насади и оштетуваат приватен и општински имот. Граѓаните, особено земјоделците, секојдневно трпат сериозни материјални штети и финансиски загуби.

Кризниот штаб оцени дека расположливите капацитети на Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот се недоволни во однос на обемот на проблемот. Затоа, од Владата се бара преку предложената кризна состојба да обезбеди дополнителен кадар, опрема, финансиски средства и координиран оперативен план со јасни одговорности и рокови.

Одделно од препораката до Владата, од АХВ се бара во рок од една недела од состанокот да достави оперативен план за извршување на постојните правосилни и извршни решенија од 2024 година и да преземе конкретни теренски активности за нивно спроведување.

Планот треба да содржи распоред на акции по денови и локации, одговорни лица, доволен број стручни екипи и специјализирани возила, како и обезбедени услови за заловување, транспорт и сместување на добитокот опфатен со решенијата. Акциите треба да се спроведуваат во координација со надлежните институции, со видливо полициско присуство и асистенција и со соработка со локалното население.

Рокот за доставување на планот не подразбира одлагање на постапувањето во меѓувреме. Извршувањето на постојните решенија не е условено со прогласување кризна состојба и не треба да ја чека одлуката на Владата“, соопшти Општина Крива Паланка.

„Доколку во наведениот рок АХВ не достави оперативен план и не преземе конкретни активности за извршување на решенијата, Општина Крива Паланка и група оштетени граѓани од месните заедници ќе поднесат кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство, за испитување на евентуална кривична одговорност на одговорните службени лица во АХВ поради непостапување и несовесно работење во службата.

Општината ќе поднесе и пријава до Државниот управен инспекторат, со барање за вонреден инспекциски надзор, во рамките на неговите надлежности, за утврдување на причините за неизвршување на правосилните и извршни решенија од 2024 година, со кои е изречена мерка одземање на животните од регистрираните одгледувалишта.

Независно од овие активности, Општина Крива Паланка од оваа недела воведува единствен регистар на пријавени штети. Регистарот ќе служи за евидентирање и документирање на штетите и подготовка за заедничка тужба на оштетените за надомест на штета пред надлежниот суд, доколку се исполнети законските услови.

Оштетените граѓани треба да го пополнат формуларот за пријавување, да ги приложат расположливите докази и да ангажираат независно вешто лице кое ќе изготви наод и мислење за висината на штетата. Трошоците за судските постапки организирани во рамките на оваа иницијатива ќе бидат на товар на Општина Крива Паланка.

Општината бара итно постапување по постојните решенија и итно разгледување на препораката до Владата за дополнителна институционална поддршка.

Граѓаните не смеат повеќе да ја плаќаат цената на институционалната негрижа и да бидат оставени сами со штетите. Институциите мора да ја преземат одговорноста и да постапат — без нови одлагања. Општина Крива Паланка ќе стои зад своите граѓани сè до конечно решавање на проблемот“, се додава во соопштението на Општината.

Текстот Општина Крива Паланка: Неконтролираното движење на крупниот добиток предизвикува сериозни штети, од АХВ се бара оперативен план и постапување по правосилните решенија е превземен од МАКФАКС.