Дерби на Саса и лидерот Огражден, делчевска Брегалница гостува во Валандово, Овче Поле без право на грешка против Хоризонт Турново

Карбинци утре во Пирава ќе ја бара првата сезонска победа во Трета лига регион 3 против екипата на Ударник.

Домашниот тим ќе ја има улогата на фаворит, теренот во Пирава важи за терен каде тешко се освојуваат бодови, а навивачите знаат да ја наполнат трибината со силна поддршка за нивниот миленик, од таа причина Карбинци ќе има навистина тежок предизвик, а тренерот Влатко Новаков кој дебитираше со пораз против Слога Виница ќе се обиде конечно да ја донесе долгоочекуваната победа за Карбинци.

Во Македонска Каменица ќе се игра дерби меѓу ланскиот второлигаш Каменица Саса и лидерот Огражден од Ново Село, каде „рударите“ се пред предизвик да мораат да дојдат до трите бодови со цел да продолжат да го трасираат патот до првата позиција. Шест бодови е разликата меѓу Саса и Огражден, но тимот од Ново Село има меч повеќе.

Во Свети Николе ќе гостува поранешниот вицешампион на Македонија, Хоризонт Турново, против Овче Поле кој најави атак на првото место, но не тргна според планот и ќе мора да ги освои трите бодови против тимот од Турново со цел да може да ги следи водечките екипи.

Делчевска Брегалница ќе гостува во Валандово кај ланскиот шампион Победа, „калинкарите“ не знаат за пораз, а со триумф ќе се вратат на врвот од табелата, ако Огражден загуби во Македонска Каменица, бидејќи од друга страна Победа пак има дури два меча помалку од Огражден и од таа причина трката за есенски шампион се „разгорува“ од коло до коло.

На Градскиот стадион во Берово ќе се одигра дуелот меѓу Малеш и Дојранско Езеро. Двете екипите ќе ја бараат својата трета сезонска победа, а мечот во Берово се очекува да биде неизвесен во трката за трите бодови.

Во рамките на осмото коло слободна ќе биде екипата на Слога од Виница.

Александар Ванев, М-Нет