Муцунски: Непристојно е земја членка на ЕУ да станува прибежиште за осудени лица како Ива Михаилова

Непристојно е земја членка на ЕУ да станува прибежиште на бегалците од државата, или осудените за сторени кривични дела, изјави денеска министерот надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Тој се потпре на изјавата на претседателот на Владата Христијан Мицкоски дека немаат интерес да станат дел од актуелната бугарска тема за тамошните претседателски избори.

,,Наше очекување како земја кандидат за члелство во ЕУ е дека и земјите членки на ЕУ ќе ги почитуваат највисоките стандарди поврзани со владеењето на правото. И е навистина непристојно една земја членка на ЕУ да станува прибежиште за тие што се осудени за сторени кривични дела или се лица за коишти има степен на сомнение и се водат постапки во рамките на судовите во државата. Но ќе бидам тука внимателен, како тоа што го кажа претседателот на Владата, Мицкоски пред неколку дена, немаме интерес да си дозволиме да станеме дел од естрадата на оваа тема во Бугарија, која е поврзана и со претседателски избори во таа држава“, информира Муцунски

Ива Михаилова ја напуштила Македонија на 11 октомври и заминала во Бугарија, а два дена подоцна по неа била распишана меѓународна потерница, откако било утврдено дека не е достапна на домашната адреса и дека не ги почитувала определените мерки на претпазливост. Случајот отвора прашања за почитувањето на судските одлуки и меѓународната правна соработка меѓу двете земји.

Ева Тушевска, М-Нет