
Фудбалерките на Каменица Саса го загубија дербито со Љуботен откако беа поразени во Македонска Каменица пред домашната публика со 1:2 во мечот од 10. коло на Првата женска фудбалска лига.
Ова беше дерби на два поранешни прволигаши, а подобар излезе тимот од Тетово кој се врати на врвот од табелата, а пак „рударките“ остануваат на петтата позиција со десет бода негатива од првото место и далеку од можност да се напаѓа титулата.
Ас Јунајтед стави крај на серијата лоши резултат и забележа домашна победа над Речица од 3:0, додека пак Вардар со минимални 0:1 го доби Истатов во гости.
Тиверија Брера имаше сигурна побеад од 0:2 над Пелистер во гости, а претходно, како што веќе информиравме „фенерџијата“ Кочани на домашен терен доживеа тежок пораз од шампионот Скопје со 0:7.
Љуботен е на првото место со 26 бодови, втор е Скопје со бод помалку, Тиверија Брера е трета со 22 бодови. На четвртото место е Пелистер со 17 бодови, Каменица Саса е петта со 16 бодови, Вардар е шести со 13 бода, а пак Ас Јунајтед е седми со 11 бода.
На осмото место е Истатов, а овој тим има девет бода, во бараж зоната останува Речица со четири бода, а пак Кочани е на дното со еден бод.
Александар Ванев, М-Нет