Започна зимското сметање на времето – кои промени може да се јават кај граѓаните?

Намалување на расположението, оддалечување од одредени физички активности и социјални контакти, изгубена желба за надвор и повлекување во себе може да предизвика поместувањето на стрелките на часовникот за 1 час наназад, предупредува психологот Катерина Дојчинова. Најчестата причина е намалувањето на сонцева светлина и се пократкиот ден.

,,Може да влијае баш како што реков, најпрво преку намалено количество дневна светлина и пократкото време на кое што сме изложени токму заради скратениот ден и пораното стемнување. Влијае на намалување на расположението, влијае и може да доведе дури и до повлекување од одредени физички активности посебно заради падот на температурите, малку поголема повлеченост од социјалните контакти, па дури и измени во некои рутини и секојдневни активности заради тоа што имаме еден премин од релаксирачко темпо во летото и малку поголем ден кон малку поскратен ден и еден календар оптеретен со повеќе обврски“, посочува Дојчинова

Потешкотиите при адаптацијата на промената на сезоната и нарушувањето на секојдневната рутина не се јавуваат кај сите.Доколку тегобите се повторуваат, траат подолго и го отежнуваат секојдневното функционирање, Дојчинова советува дека е потребно да се побара стручна помош.

,,Не значи дека потешкотиите во адаптацијата на сезоната што се јавуваат кај некои луѓе ќе доведе до нарушување. Обично само треба да му потпомогнеме на нашиот организам да се адаптира на промената на сезоната, ако евентуално е тоа нешто што се повторува, што не трае кратко, што веќе го отежнува секојдневното функционирање може да се побара стручна помош и да се поразговара со психолог и евентуално со психијатар за лекување на настанатите тегоби“, апелира Дојчинова

Во меѓувреме, ноќта меѓу сабота и недела започна зимското сметање на времето, со поместување на стрелките на часовникот за еден час наназад, од 3 на 2 часот.

Eва Тушевска, М-Нет