СОУ „Славчо Стојменски“ Штип го одбележа својот патрон празник и 105-годишнината од раѓањето на херојот

Со положување свежо цвеќе во Алеата на народните херои во Штип, беше оддадена почит на народниот херој Славчо Стојменски, по повод 105-годишнината од неговото раѓање и патрониот празник на истоименото средно училиште.

Учениците од СОУ „Славчо Стојменски“ со рецитал, музика и свечена сценска изведба му оддадоа почит на својот патрон, потсетувајќи на неговото дело и придонес. Преку пригодната програма, младите покажаа дека го чуваат споменот за Стојменски и го продолжуваат неговото наследство.

Славчо Стојменски е роден на 25 ноември 1921 година во Штип, како петто дете во сиромашно работничко семејство. Основното и гимназиското образование ги завршил во родниот град, каде што бил одличен ученик. Уште во младоста се вклучил во политичките активности, а неговото револуционерно дејствување се поврзува и со дружењето со Ванчо Прќе. За народен херој е прогласен на 11 октомври 1953 година, со одлука на претседателот на Федеративна Народна Република Југославија, Јосип Броз Тито.

На одбележувањето присуствуваа претставници на Локалната самоуправа, делегации, здруженија, наставници, ученици и други почитувачи на делото на Славчо Стојменски.

Ева Тушевска, М-Нет