
Голема координирана акција за разбивање на организирана група дрвокрадци се спроведувала од раните утрински часови на денешниот празничен ден на повеќе локации на штипска Плачковица. Во акцијата биле одземени повеќе патнички моторни возила со кои се превезувале бесправно исечени и нежигосани огревни дрва.
Информацијата ја соопшти Кире Михаилов, заменик-директор на ЈП „Национални шуми“, кој посочи дека станува збор за група дрвокрадци што подолг период оперирала во штипскиот регион.
Во акцијата раководена од Министерството за внатрешни работи, покрај полициските службеници, учествувале и поголем број вработени во ЈП „Македонски шуми“ од Штип, како и припадници на Шумската полиција.

Според соопштението на Михаилов, на повеќе локации на Плачковица биле одземени возила за кои се наведува дека во изминатиот период, како и во текот на денешниот ден, биле користени за транспорт на поголеми количества бесправно исечени и нежигосани огревни дрва.
Од ЈП „Национални шуми“ најавуваат дека акциите против дрвокрадството ќе продолжат и во наредниот период, со цел заштита на шумскиот фонд и спречување на незаконската сеча.
„Активно ќе продолжиме со овие акции и ниту еден регион во Македонија нема да биде оставен на милост и немилост на дрвокрадците, а сите оние кои го прават тоа, кога тогаш ќе бидат извадени пред лицето на правдата и ќе одговараат пред Законот“, порачува Михаилов.
