Наумоски: Мицкоски најавува над 100.000 „економски работници“ – Уставен одбива да постапи за Резолуцијата

Уставниот суд ја отфрли иницијативата на СДСМ за Резолуцијата на ВМРО и ЗНАМ, со која сакаат да ја замолчат СДСМ за „економските работници“, изјави Александар Наумоски – член на Извршниот одбор на СДСМ.

„Кога е донесена оваа одлука? Два дена по најавата на Александар Николовски за нови 50.000 странски работници годишно и еден ден по изјавата на Мицкоски дека таа бројка може да биде многу поголема, над 100.000. Дали треба повеќе објаснувања? Не. На граѓаните им е јасно се. Кога СДСМ поставува прашања има обиди да се замолчи, да се воведе цензура, а кога Мицкоски и Николовски најавуваат 50 или 100 илјади „економски работници“ – тоа е економска потреба“, рече Наумоски.

Тој потсети дека СДСМ ја поднела иницијативата затоа што со Резолуција се повредува член 16 од Уставот, кој ги гарантира слободата на говорот, јавниот настап, мислата и јавното изразување, како и забраната за цензура, како и член 10 од Европската Конвенција за човекови права.

„Ова се случува во период кога власта презема целосна контрола врз правосудството. Време на телефонски обвинители, партизација на Судскиот совет и јавни насоки од Мицкоски од собраниската говорница и од телевизиските студија како треба да постапуваат. Во време кога Европската комисија наведува политички притисоци и мешање во судството и обвинителството од страна на власта. СДСМ нема да замолчи. Колку „странски работници“ договориле Мицкоски и Николовски? Дали е тоа причината зошто не се покачуваат платите на македонските работници? Ова се вистинските прашања. Владата има обврска да одговори“, рече Наумоски.

Текстот Наумоски: Мицкоски најавува над 100.000 „економски работници“ – Уставен одбива да постапи за Резолуцијата е превземен од МАКФАКС.