Левица: Мицкоски тврди дека економијата е многу, многу постабилна, а секое трето дете живее во сиромаштија

Владата на Мицкоски се фали со економска стабилност и раст на БДП од над 3,5%, со раст на извозот од 11,5% и увозот од 8,5%. Но, додека Владата зборува за проценти, 22% од граѓаните живеат под прагот на сиромаштија, а речиси секое трето дете живее во сиромаштија. Дури 38% од децата живеат во услови ризични за нивното здравје, учење, безбедност и развој. Ова е економија во која сè поголем број луѓе се принудени да преживуваат, велат од партијата Левица преку сооопштение.

„Сиромаштијата се гледа во секојдневните компромиси на семејствата. Синдикалната минимална кошница за септември достигна 69.432 денари, за 4.355 денари повеќе од пред една година и дури 8.126 денари повеќе од септември 2024 година. Од оваа сума, 36% од целиот минимален семеен буџет одат само за храна и пијалаци. За четиричлено семејство што живее под кирија, потребни се дури 84.807 денари месечно. Една минимална плата покрива само 37,5% од кошницата, а ни две минимални плати не се доволни за основните трошоци.

А зад ваквата социјална слика стои и структурата на македонската економија. Во август 2026 година индустриското производство е намалено за 1,9%, а бројот на работниците во индустријата за 3%. Земјоделството има околу 54 милијарди денари додадена вредност, но без доволно преработувачки капацитети, модернизација и технологија, Македонија продолжува евтино да извезува суровини и поскапо да увезува готови производи. Наместо економија што создава добро платени работни места и повисока додадена вредност, граѓаните добиваат раст на БДП кој не се претвора во повисок животен стандард.

Економската стабилност не се мери со тоа што ќе го каже премиерот, туку со тоа како живее народот. Ако речиси секое трето дете расте во сиромаштија, ако повеќе од една третина од минималниот семеен буџет оди само за храна, ако семејствата не можат да ги покријат основните трошоци ни со две минимални плати, а индустриското производство и бројот на работници се намалуваат – тогаш статистиката за раст не значи ништо за оние кои ја создаваат таа економија. АКО ЕКОНОМИЈАТА Е „МНОГУ, МНОГУ ПОСТАБИЛНА“, ЗОШТО ГРАЃАНИТЕ НЕ ЈА ЧУВСТВУВААТ ТАА СТАБИЛНОСТ ВО СОПСТВЕНИОТ ПАРИЧНИК?“, се вели во партиското соопштение.

Текстот Левица: Мицкоски тврди дека економијата е многу, многу постабилна, а секое трето дете живее во сиромаштија е превземен од МАКФАКС.