Рударските компании ќе мора да обезбедат 100 отсто финансиски гаранции за санација со новите закони, велат од Министерството

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги претстави новите закони за рударство и геологија на јавна расправа во Стопанската комора, со фокус на усогласувањето со европските стандарди, дигитализацијата и одржливото управување со природните ресурси.

Законските решенија, како што велат од Министерството, се насочени кон поголема правна сигурност, поттикнување на инвестициите, поефикасни административни постапки и зајакната заштита на животната средина. Тие беа подготвени преку консултации со релевантните чинители, поставени на ЕНЕР и преку меѓународна експертска ревизија.

Со посебниот Закон за геологија, се додава, се воспоставува системска рамка за геолошки истражувања и управување со податоците, додека воведувањето на Македонскиот рударско-геолошки информативен систем (МакРГИС) ќе овозможи дигитализација и поголема достапност на информациите.

Законот за рударство предвидува реализација на Стратегијата за минерални суровини, механизми за поддршка на стратешките проекти и усогласување со европските политики за критични суровини.

„Во областа на заштитата на животната средина, новите законски решенија воведуваат обврска за обезбедување 100% финансиски гаранции за санација и рекултивација, со што државата добива механизам за целосно покривање на трошоците за обновување на просторот по завршување на експлоатацијата. Истовремено, се воспоставуваат современи правила за управување со рударски отпад, задолжителни планови за затворање на рудници и рекултивација, како и мерки за санација на историски деградирани рударски простори. На овој начин се зајакнуваат механизмите за заштита на животната средина и се обезбедува поодговорно и одржливо користење на минералните ресурси“, образложија од Министерството.

На јавната расправа се обрати и државниот секретар во Министерството, Горан Јовановски, кој истакна дека новите законски решенија се значаен чекор кон воспоставување современа и функционална рамка за развој на рударството и геологијата.

„Нашата цел е да воспоставиме законска рамка што ќе обезбеди правна сигурност за стопанските субјекти, ќе ги поттикне инвестициите и ќе овозможи одговорно управување со минералните суровини. Преку современи правила, дигитализација и зајакнати механизми за заштита на животната средина создаваме услови за одржлив развој на рударско-геолошкиот сектор“, истакна Јовановски.

На јавната расправа беше истакната важноста на соработката со стопанството за спроведување на реформите и создавање предвидлива деловна средина, со цел развој на модерен и одржлив рударско-геолошки сектор.

Текстот Рударските компании ќе мора да обезбедат 100 отсто финансиски гаранции за санација со новите закони, велат од Министерството е превземен од МАКФАКС.