
Нема да има поскапување на струјата, а дизелот би можел да поевтини за дополнителни два денари по литар. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Општина Чешиново-Облешево, одговарајќи на новинарско прашање дали мерките за намалување на цената на горивата ќе продолжат и по 20 октомври. Мицкоски посочи дека се блиску до договор за дополнително намалување на цената на дизелот.
-Денеска имаме владина седница и продолжуваат преговорите со снабдувачот ОКТА за дополнителен попуст да имаме. Мислам дека сме блиску до постигнување решение за дополнителни 2 денари по литар да имаме барем кај дизелот намалување на цената-изјави Мицкоски.
Тој истакна дека како Влада ќе продолжат со истата политика за цената на горивата.
-Кај нас влијаат тековите кои што се на светските берзи. Но, факт е дека владата за разлика од сите влади во Европа најмалку зафаќа во делот на данокот на додадена вредност и акцизата и затоа денеска граѓаните имаат најниски цени во Европа кога станува збор за дизел горивото и безоловниот. Веќе имаме држави во Европа каде што дизел горивото и безоловниот се продаваат за над 3 евра, 3,2, 3,3 па дури и 3,5 евра по литар, а кај нас и дизел горивото и безоловниот 95 октански се под 1,6 евроценти за литар и е најниска цена во Европа. И ние ќе продолжиме со таа политика-рече Мицкоски.
Во екот на најголемата енергетска криза што човештвото ја памти, премиерот Мицкоски смета дека Владата засега се справува одлично.
-До крајот на годината апсолутно сме со обезбедени количини за сите видови на горива, а следната година исто така ќе биде година која не очекувам да има поголеми турбуленции, предизвици секако ќе има. Продуктоводот или нафтоводот кој што го поврзува солунското пристаниште со нашата рафинерија е под притисок, е наполнет, така што доволни количини на гориво ќе има за македонските граѓани и не само за македонските граѓани, бидејќи имаме најниска цена за горивата, граѓаните од соседните земји доаѓаат полнат кај нас, со што двојно се зголеми конзумот на дизел посебно во пограничните места. Со оваа политика да го заштитиме стандардот на граѓаните толку колку што можеме ќе продолжиме- вели Мицкоски.
Тој ги отфрли шпекулациите дека до крајот на годината ќе има нивелирање на цената на електричната енергија и како што рече Мицкоски нема да има зголемување на цената на струјата, односно останува истата цена.
-Од кога сме како Влада избрани, немаме покачување на цената на електричната енергија. Се сеќавате во минатите години владата на СДСМ и ДУИ малтене ја дуплираше цената на електричната енергија, така што остануваме посветени да го заштитиме стандардот на граѓаните.“, изјави Мицкоски
Иван Митев, М-Нет