Резултатска криза кај неколку второлигаши, Охрид е на врвот, Пелистер и Работнички го следат лидерот

Осмата рунда на Втората македонска фудбалска лига направи промени на табелата, но овозможи дел од екипите да се зацврстат на позиции во горниот дел од табелата.

Охрид славеше на гостувањето кај Македонија ЃП со 0:2 во меч кој го следевте на М Нет телевизија и со тоа го задржа првото место на табелата, Работнички без проблеми го декласираше Шкупи со 4:0, а висок триумф славеше и Пелистер над Осогово со 3:0 со што новиот тренер на тимот од Кочани, Спирко Златков дебитираше со пораз.

Градското дерби во Струмица меѓу Брера и Беласица заврши без победник и без голови (0:0), дуел кој исто така беше емитуван во живо на М Нет телевизија.

Тетекс со 2:0 го доби Детонит Плачковица со што „штофарите“ врзаа втора победа во низа, а пак радовишани имаат резултатска криза, Кожуф во самиот финиш се спаси од пораз и одигра 1:1 со Камјани, екипата на Новаци одигра 0:0 против Еуромилк во Горно Лисиче.

Охрид е прв со 19 бодови, Работнички и Пелистер го делат второто место со по 18 бодови, Брера е четврта со 15 бодови, но Работнички и Брера имаат меч помалку, нивниот меѓусебен дуел од петтото коло.

Тетекс и Беласица го делат петтото место со по 12 бодови, Камјани е седми со 11 бодови, Македонија ЃП е осма со десет бодови, а пак Кожуф е деветти со девет бода.

На делба на десеттото место се Новаци и Детонит Плачковица со по осум бода, а во зоната за директно испаѓање нема промени таму се Еуромилк со шест бода, Осогово претпоследен со три и на дното е Шкупи без бодови.

Александар Ванев, М-Нет