Трпеливо и мајсторски: ШК Алкалоид со нова максимална победа на ЕКК 2026

Второто коло од Европскиот клупски куп во шах, кој се одигрува во Црна Гора, донесе нови сигурни победи за фаворитите, меѓу кои и за ШК Алкалоид.

Македонскиот шампион играше против 30-рангираниот клуб Бреидаблик, најдобриот претставник на Исланд, и на сите шест табли беа прокнижени сигурни победи.

– Бевме сведоци на сериозна борба на сите шест табли! Противникот беше типичен претставник на екипите од првата третина на табелата, кои можат рамноправно да се носат со посилни противници. По два часа игра, играчите на првите две табли почнаа да го кршат отпорот – Еригаиси создаде хаотична позиција од која го надигра противникот, додека, пак, Веи уште еднаш импресионираше во остра сицилијанка, демонстрирајќи врвна домашна подготовка. Ништо помалку спектакуларни не беа и другите – Аравинд играше шест часа во реми-позиција и на крај победи, по што следуваше и триумфот на Пураник над исландскиот ФИДЕ-мајстор. На последните две табли Ивиќ одигра екстра квалитетна партија, а ВМ Звонко Станојоски одработи трпеливо и мајсторски, со што го задржавме стопроцентниот учинок – изјави ВМ Влатко Богдановски, капитен на ШК Алкалоид.

Со новите два бода фармацевтите се во ексклузивно друштво на 25 екипи кои имаат по четири бода, па, во согласност со впарувачката логика на швајцарскиот систем, во 3. коло ќе им се вкрстат патиштата во борбата за европската титула.

Генерално земено, во однос на минатите години има многу мал број средби кои завршија со нерешен резултат – две во првото коло и три во второто коло. Тоа ја потенцира острината во квалитетот.

Вториот клуб ШК Мулти Есенс, кој се наоѓаше на 43. место на стартната ранг-листа, загуби од 15-рангираниот Шахфројнде од Берлин, најдобро котирачкиот клуб од Германија.

– И покрај конечниот резултат од 4,5 : 1,5 за германскиот клуб, можам да кажам дека мечот беше исклучително борбен и неизвесен. Имавме рамноправни и добро изградени позиции, но, за жал, речиси на сите табли играчите имаа проблем со времето, па противниците успеаја да ги искористат и да ги казнат грешките кои следуваа во цајтнот. Сепак, честитки за ИМ Емил Ристевски за ремито на првата табла, како и за Стојан Велкоски за победата над ИМ Лаубер, кој има повеќе од 300 рејтинг-поени повисок ранг – појасни ВМ Трајко Недев, капитен на тимот.

Во третото коло ждрепката сакаше токму истиот германски клуб да биде нов противник на ШК Алкалоид, додека, пак, Мулти Есенс ќе игра со вториот претставник на Исланд, Викинг Чес Клуб, кој беше рангиран на 75. место според просечниот рејтинг на играчите.

ПР

Текстот Трпеливо и мајсторски: ШК Алкалоид со нова максимална победа на ЕКК 2026 е превземен од МАКФАКС.