Светски шампион! Марко Џорлев од Штип го освои златото во Полска!

Македонија има светски шампион! Штипјанецот Марко Џорлев се искачи на врвот на светското карате, откако триумфираше во финалето на Светското првенство за кадети, јуниори и натпреварувачи до 21 година во Бјелско-Бјала, Полска, освојувајќи го златниот медал во категоријата до 63 килограми.
По извонредните настапи во текот на целиот шампионат, македонскиот репрезентативец го круниса својот настап со највредното одличје и испиша нова златна страница во македонското карате.

Џорлев до финалето стигна со четири победи од четири борби, демонстрирајќи квалитет, сигурност и шампионски карактер. На стартот го совлада Алехандро Перез од Куба со 10:6, потоа беше подобар од Хозе Андрес Гарсија од Гвајана со 6:1, а во третата борба славеше убедливо со 6:0 против Леонс Акоповс од Латвија.
Вистинската демонстрација на сила следуваше во полуфиналето, каде што Штипјанецот со убедливи 8:0 го совлада Јан Мата од Панама и обезбеди пласман во големото финале.
Таму го чекаше Адам Баги од Унгарија, но Џорлев го направи и последниот чекор до светскиот врв, победувајќи го со 4:1 во финалната пресметка и освојувајќи го златниот медал.
Пет борби, пет победи и злато за Македонија! Марко Џорлев покажа дека е меѓу најдобрите млади каратисти во светот, а неговиот успех е огромна гордост за Штип и за македонскиот спорт.
Од Штип до светскиот врв – Марко Џорлев е светски шампион!