КБ Штип формираше мултидисциплинарен кабинет за дојка за побрза дијагностика и навремено откривање на ракот

Подигнувањето на свеста за борбата против ракот на дојка беше во фокусот на денешната посета на министерот за здравство, Сашо Клековски, на КБ Штип. Тој посочи дека околу 1.000 жени годишно заболуваат од оваа болест. При посетата беа разгледани и новата лабораторија и здравствените услуги, а Клековски најави и нови услуги на неврологија од следната недела.

,,Во месецот во кој се обидуваме да ја подигнеме свесноста за борба против рак на дојка, еден од најчестите ракови, околу 1000 жени годишно добиваат рак на дојка и тоа претставува значаен здравствен проблем за жените и за општеството. Меѓутоа тука сум да ги видам и новите услуги кои се воведени во КБ, новата лабараторија, новиот сет на услуги, а веќе наредната недела ќе најавиме и нови услуги на неврологија. Целта ни е на таа нова зграда што ќе се гради, да почнме да и даваме содржина бидејќи здравството не го чинат зградите, го чинат луѓето и нивната работа“, информираше Клековски

Директорот на Клиничката болница во Штип, Владко Захариев, информираше дека е формиран мултидисциплинарен кабинет за дојка, со цел пациентките побрзо и поефикасно да добијат преглед и конечна дијагноза. Во него ќе работат специјалисти од повеќе области, а предвидено е тимот дополнително да се прошири со психијатри и психолози.

,,Ја реализиравме идејата којашто беше дадена до КБ Штип по повод реализација на розов октомври или месецот за борба против ракот на дојка. По добиените инфорциите што ги имаме, во КБ Штип координирано со специјалистите кои работат овде успеавме да креираме еден мултидисциплинарен кабинет за дојка којшто ќе биде еден регионален кабинет за пациентите коишто имаат веќе некоја патологија на дојките за да можат побрзо и поефикасно да добијат преглед и конечна дијагноза. Во овој кабинет има повеќе специјалности, тоа ќе бидат рендгенолози, хирурзи, онколози, патолози и понатаму ќе ги прошириме со психијатри и психолози“, изјави Захариев

Рендгенологот Габриела Димова истакна дека целта на мултидисциплинарниот кабинет е да се намали времето на чекање за пациентките и да се обезбеди побрза и поефикасна дијагностика преку координиран пристап на повеќе специјалисти.

,,Целта на овој кабинет ќе бидат жените кои имаат некаква маса и се упатени од пластичен хирург да можат побрзо да закажат за диопсија, со тоа што времето на чекање ќе биде скратено значително многу, нема да бидат упатувани во кабинет за дојка, туку директно ќе бидат упатени во овој мултидисциплинарен центар. Откако ќе бидат упатени на биопсија ќе биде изведена биопсијата, бидејќи овој кабинет ќе функционира заедно со патолог, онколог, пластични хирурзи

Работно време секој ден од понеделник до петок, со закажување, овде ќе бидат упатени жените“, соопшти Димова

Од КБ Штип соопштија дека мултидисциплинарниот кабинет за дојка, отворен во рамки на активностите за „Розов октомври“, ќе работи секој работен ден, од понеделник до петок, со претходно закажување на прегледите, со цел навремено откривање на ракот на дојка и побрза дијагностика.

Ева Тушевска, М-Нет