„Откако антинародното ДПМНЕ го одби барањето на Левица за повлекување од дневен ред на скандалозниот Закон за животната средина, Левица продолжува да се бори против законските измени со кои се отвора пат за реконструкција на тешка и загадувачка индустрија на помалку од пет километри од населени места, се укинува рамката за санација на еколошките жешки точки и се ограничуваат правата на граѓаните. По алармот што го крена Левица за опасните последици од овие измени, на кои предупредија и еколошките организации, притисокот против ваквото законско решение продолжува!“, велат од партијата Левица.
„Левица поднесе амандмани со кои ќе бара:
-Да се задржи забраната за реконструкција на Г1-инсталации на растојание помало од пет километри од населени места и заштитени природни подрачја.
-Да не се укинува рамката за санација на еколошките жешки точки.
-Да се гарантира учеството на граѓаните и пристапот до правда при изработката на елаборатите за животната средина.
Утре, на седницата на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, Левица ќе ги образложи амандманите и ќе се бори против бришењето на законските гаранции за заштита на граѓаните.
Со децении го трујат народот со отровен отпад, загаден воздух и индустриски депонии, само за некој друг да се обогати. Левица нема да молчи додека туѓите интереси се штитат со закон, а народот е оставен сам да се бори за воздух што може да го дише и вода што може да ја пие!“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Текстот Левица со амандмани против законот „што им ги одврзува рацете на загадувачите и ја отвара вратата за нови еколошки катастрофи“ е превземен од МАКФАКС.