МКК Куманово го победи ГКК Штип со пресврт и стигна до првата победа во сезоната

Кошаркарите на МКК Куманово ја забележаа првата победа во новата сезона на Суперлигата. На домашен терен, избраниците на Марин Докузовски одиграа одлично второ полувреме, направија резултатски пресврт и стигнаа до заслужен триумф против ГКК Штип.

МКК КУМАНОВО – ГКК ШТИП 70:59

Гостите од Штип го контролираа резултатот во првото полувреме, во кое акцентот го ставија на играта во одбраната. Тоа им овозможи да ја ограничат офанзивата на домаќините, кои на паузата имаа постигнато само 29 поени.

Штипјани ја добија првата четвртина со 21:15, а успеаја да ја задржат предноста и во вториот период, па на одморот заминаа со водство од 34:29.

Сепак, продолжението донесе сосема поинаква слика на теренот. МКК Куманово заигра многу поангажирано, ја подигна ефикасноста и постепено го презеде контролата врз натпреварот. Клучна беше третата четвртина, во која домашните кошаркари направија пресврт, ја добија со 22:13 и пред последните десет минути поведоа со 51:47.

„Сино-белите“ не застанаа тука. Со уште поцврста игра на двете страни од теренот, во последниот период ја зголемија предноста и не му дозволија на противникот да се врати во натпреварот. На крајот, МКК Куманово славеше со конечни 70:59 за прв успех во новиот шампионат.

Ѓуроски и Мекиќ предводници на победничкиот тим

Репрезентативниот двоец во редовите на МКК Куманово, Ѓуроски и Мекиќ, беше меѓу најзаслужните за победата, со заеднички учинок од 31 поен. Мекиќ покрај поентерскиот придонес забележа и девет асистенции, додека Ѓуроски го заврши натпреварот со осум скока.

Стевановиќ имаше солиден придонес во победничкиот состав, со 14 постигнати поени.

Кај ГКК Штип, најефикасен беше Хамилтон со 21 поен. Пал постигна 14, додека Александровски средбата ја заврши со 11 поени и пет скока. (КФМ)