Алкохол зад воланот во Делчево, возач со 2,43 промили, друг предизвикал несреќа со трактор

Два одделни случаи на управување возила под дејство на алкохол се регистрирани во Делчево во текот на вчерашниот ден, при што едниот завршил и со сообраќајна несреќа.
На 3 октомври во 18:50 часот во ОВР Делчево било пријавено дека на регионалниот пат во село Стамер се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „голф“, со штипски регистарски ознаки, управувано од 59-годишниот З.К. од Делчево, и трактор со делчевски регистарски ознаки, управуван од 61-годишниот Љ.М. од село Стамер.
Во несреќата со телесни повреди се здобил возачот на „голфот“, кој возел под дејство на алкохол. Кај него биле измерени 1,24 промили алкохол во организмот. Тој бил пренесен во Клиничката болница Штип.
Дополнително, полициските проверки утврдиле дека 61-годишниот Љ.М. го управувал тракторот без возачка дозвола. За случајот бил известен јавен обвинител, по чии насоки Љ.М. бил лишен од слобода. Увид на местото извршила увидна екипа од ОВР Делчево.
Само неколку часа подоцна, во 23:25 часот, на булевар „Македонија“ во Делчево, полициски службеници го лишиле од слобода и 48-годишниот Љ.Џ. од село Разловци.
При сообраќајна контрола било запрено возило „фолксваген пасат“, со делчевски регистарски ознаки, кое го управувал Љ.Џ. На алкотестот му биле измерени 2,43 промили алкохол во организмот.
За случајот бил известен јавен обвинител, а по целосното документирање на настанот ќе следува соодветна пријава.