СВР Штип откри 20 неправилности во засилената контрола на товарни возила

Засилените сообраќајни контроли продолжуваат низ целата држава, а во акцијата спроведена на 30 септември, значаен број неправилности се констатирани и на подрачјето на СВР Штип.
Во периодот од 07:00 до 12:00 часот, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола насочена кон товарните возила, како и кон моторните возила кои се вклучуваат во сообраќајот од земјени патишта, градилишта и други површини, оставајќи кал на коловозот.
На ниво на целата држава биле контролирани 738 возила, од кои 184 биле упатени во станица за технички преглед. При контролата биле констатирани вкупно 112 неправилности.
Најголем број неправилности се регистрирани на подрачјето на СВР Тетово – 28, потоа СВР Скопје – 23, додека СВР Штип е на третото место со 20 констатирани неправилности.
Контролите биле насочени кон откривање претовар, неправилно сместен или необезбеден товар, техничка неисправност, недозволен превоз на лица и други прекршоци поврзани со товарните возила.
За утврдените неправилности преземени се 112 мерки, при што 37 возила се исклучени од сообраќај, а во 13 случаи се поднесени барања за поведување прекршочна постапка. Дополнително, во текот на акцијата биле констатирани и 162 прекршоци од друг вид.
Од МВР информираат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот, спречување на неправилности и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи.