Музичко име од Европа ќе ја збогати Штипска Пастрмалијада во наредните изданија, а на годинешниот Макфест се очекуваат нови македонски забавни композиции

Со настап на звучно музичко име од Европа, манифестацијата „Пастрмалијада“ би можела да биде збогатена во наредниот период, изјави градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, во вчерашното гостување во емисијата „Зум анализа“ на М-Нет ТВ. Јорданов потенцира дека манифестацијата од година во година привлекува илјадници гости од Штип и од другите градови, а позитивните реакции од посетителите се поттик таа да продолжи да се надградува и збогатува со нови музички имиња.

,,Секако дека музичките имиња коишто настапуваат се оние кои се популарни и оние кои ќе го привлечат вниманието затоа што за да има посетеност и за да има гости потребно е да бидат популарни музичките имиња за да можеме да броиме илјадници гости кои ќе доаѓаат од страна. Доколку се создадат услови, секако дека не само балканско музичко име, потребно е да еве, оваа манифестација расте, се зголемува со посетеност од година во година и со некое друго звучно музичко име од Европа, така да се надевам како ќе минува времето, така ќе ја надоградуваме организациски оваа манифестација која во последните неколку години предизвика позитивни реакции од сите кои беа на неа, не само од штипјани, туку и од гостите од страна“, изјави Јорданов

Градоначалникот Јорданов е дециден дека Штип е единствената општина во Македонија која финансира, организира и промовира македонски композиции, како и создавањето забавна музика преку Макфест.

,,Штип е една можеби единствена Општина во Македонија која создава македонска музика. Ниту една друга општина не финансира македонски композиции. Суштината на фестивалот Макфест е да се создаваат македонски забавни композиции на годишно ниво. Општината е единствен финансиер на овој фестивал, огранизатор на единствениот фестивал на забавна музика Макфест и затоа велам дека е единствена општина која ова го прави. Не само со Макфест, ние во текот на годината имаме низа на културни настани кои го позиционираат Штип како град на културата. Не познавам друг град во државата кои без поддршка на одредени институции има волку настани во текот на годината. Не е само Макфест, не е само Пастрмалијадата, го имаме Д-Феститивал, го имаме Stip Streed Food Festival, го имаме Piano Golden Talends, ја имаме новогодишната програма која трае повеќе од еден месец, со низа на музички настапи, културно уметнички друштва кои настапуваат. Верувам дека и овогодинешното издание на Макфест ќе биде одбележано со музички хитови кои ќе произлезат, кои ќе го одбележат ова време, кое е поразлично од минатото“, рече Јорданов

Инаку, покрај „Пастрмалијада“ и „Макфест“, Штип е домаќин и на „D-Festival“, „Stip Street Food Festival“ и „Piano Golden Talents“, како и на новогодишната програма која трае повеќе од еден месец, со што градот во текот на годината нуди богата и разновидна музичка, културна и гастрономска програма.

Ева Тушевска, М-Нет