Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница за пратенички прашања упати прашање до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, во кое го повика да даде одговор кога јавноста ќе го добие извештајот за „млечниот скандал“.
Лукаревска посочи дека наместо транспарентност и одговорност, со месеци граѓаните се без информации за резултатите од контролите на млечните и месните производи, иако беа утврдени сериозни отстапувања меѓу декларираниот состав и вистинскиот квалитет на дел од производите.
Лукаревска побара од министерот да каже зошто извештајот сè уште не е објавен и до кога граѓаните ќе чекаат одговор дали храната што ја купуваат е навистина безбедна и со квалитетот што им е деклариран.
„Се сеќавате за „млечниот скандал“ кога едно стоеше на декларациите на млечните производи, а друг беше квалитетот на производите. И се отвори во јавноста тема што всушност се случува. И за тоа што се случувало се уште чекаме, а досега требаше да добиеме Извештај од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Земена е 91 мостра од млеко, млечни производи и сувомеснати производи од домашното производство, како и од увоз, за да се утврди дали она што е напишано на декларациите соодејствува со квалитетот на производите. Наместо 20 % млечна маст во некои производи имало 1% млечна маст и многу палмино масло.
Актуелниот директор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, во изјава за медиум признава дека агенцијата не ги објавува фирмите кои ги правеле овие злоупотреби, плашејќи се од тужби и правни последици.
На 4-ти јуни оваа година, Миланов изјавил, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) идната недела ќе ги објави фирмите што правеле манипулации со декларирањето на млечните производи, а од понеделник треба да бидат готови и резултатите од анализите на месните преработки.Одамна помина јуни месец, министре.
Верувам дека и Вие, пред се како човек, а потоа како министер, сакате да се расчисти овој случај, да се смири јавноста, да се заштитиме од конзумирање на нездрава храна“.
Лукаревска потенцира дека без извештајот нема да се дознае дали истата неквалитетна храна ја јадеме и денес и какви последици по здравјето на граѓаните може тоа да има.
„Очекувам да ми одговорите кога конечно ќе го добиеме Извештајот од Агенцијата за храна и ветеринарство за овој млечен скандал“, праша таа.
Текстот Лукаревска до Серафимовски: Граѓаните имаат право да знаат каква храна јадат, зошто го криете извештајот за „млечниот скандал е превземен од МАКФАКС.