Општина Центар го објави конкурсот за доделување на годишната награда „Феникс“ за 2026 година, признание кое се доделува на поединци, групи творци и правни лица за особени постигнувања и придонес во развојот и афирмацијата на општината.
Наградата се доделува за значајни остварувања во областа на стопанството, науката, уметноста, културата, спортот, воспитанието и образованието, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други области на трудот и творештвото.
„Во Центар има многу луѓе кои со својата работа, знаење, талент и посветеност оставаат трага и придонесуваат нашата општина да се развива и да се афирмира. Наградата „Феникс“ е начин да им оддадеме признание на оние кои создаваат вредности и со своите постигнувања се пример и инспирација за другите. Ги повикувам граѓаните, институциите и организациите да предложат кандидати за кои сметаат дека заслужуваат нивниот труд да биде препознаен и вреднуван“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Право да предлагаат кандидати имаат физички и правни лица со живеалиште, односно седиште на подрачјето на Општина Центар. Предлогот треба да биде образложен и потпишан од предлагачот, со приложена кратка биографија и документација со која се потврдуваат постигнувањата на кандидатот.
Конкурсот е отворен од 21 септември до 5 октомври 2026 година. Предлозите се доставуваат до Комисијата за доделување на Годишната награда на Општина Центар – „Феникс“, на ул. „Михаил Цоков“ бр. 1 или во архивата на Општина Центар-Скопје, барака 6.
Текстот Герасимовски: Отворен конкурсот за годишната награда „Феникс“ за 2026 година е превземен од МАКФАКС.